Ботас го урна рекордот на „Каталуња“

Новиот возач на Мерцедес, Валтери Ботас, оствари најбрзо време на претпладневната сесија од втората серија претсезонски тестово во Формула 1, во Барселона. Ботас денеска извозе 70 круга, а најбрзиот круг го помина за 1:19.310 мин. што е речиси за четири десетинки побрзо во однос на резултатот што го постигна минатата недела кога исто така беше најбрз. Воедно, ова е најдобар резултат на патеката „Каталуња“ во последните десет години откако на неа беа воведени одредени промени.

Со воведувањето на новите правила во Ф1, болидите се поголеми и побрзи во однос на претходната сезона и тоа го потврдуваат и резултатите што ги постигнуваат возачите на тестирањата пред стартот на новата сезона.

На второто место зад Ботас на денешните тестови заврши Фелипе Маса од тимот на Вилијамс со резултат од 1:19.420 минута,  а Кими Раиконен со болидот на Ферари беше трет со 1:20,406 мин.

И на денешните тестови со многу проблеми се соочи тимот на Мекларен. Фернандо Алонсо извозе 27 круга и беше најбавен со заостанување од четири секунди зад Ботас.

Новата сезона во Формула 1 почнува на 26 март со трката за ГН на Австралија во Мелбурн.

Се вчитува...