Ботас останува во Мерцедес и во следната сезона

Валтери Ботас и во наредната сезона во Формула 1 ќе вози во тандем со Луис Хамилтон за тимот на Мерцедес. Германскиот тим е задоволен од настапите на Финецот во неговата прва сезона во болидот на Мерцедес и му понуди продолжување на соработката, а Ботас со задоволство ја прифати понудата.

„Годинава го ставивме Валтери пред огромен предизвик – требаше да дојде во тимот во последен момент, да стигне до врвот на Формула 1 и да застане рамо до рамо со еден од најдобрите возачи. Имајќи го предвид сето тоа, резултатите му се повеќе од импресивни. Досега во настапите имаше и подеми и падови во неговите настапи, но позитивните работи беа побројни. Валтери забележа две победи, во Русија и во Австрија. Во целина, балансот и нагорната траекторија на она што го постигна го иницираанашата одлука да ја продолжиме соработката. Освен тоа, двајцата наши возачи се почитуваат меѓусебно и се однесуваат спортски еден кон друг. Луис и Валтери се точно тоа што ни треба за да се справиме со конкуренцијата“ – изјави извршниот директор на Мерцедес, Tото Волф.

Ботас од Вилијамс дојде во тимот на Мерцедес пред почетокот на сезоната како замена за Нико Розберг кој по освојувањето на шампионската титула реши да ја заврши кариерата. Финецот добро се снајде во новата средина, забележа две победи и моментно е на третото место во генералниот пласман на возачи со шанса да се бори и за шампионската титула.

Мерцедес ми изрази голема доверба кога ме зедоа на почетокот на сезоната. Новиот договор е доказ дека тоа било заслужено“ – вели Валтери Ботас.

Се вчитува...