Брукс го однесе Охрид до триумф против Вардар во Скопје

Кошаркарите на Охрид АВ стигнаа и до четвртата своја победа во шампионатот на Македонија, славејќи во 14. коло против Вардар во Скопје со 80-93 (13-28,23-17,18-25,26-23).

Победникот, се чини, беше најавен уште во првата четвртина кога охриѓани неочекувано лесно направија разлика од големи 15 поени предност. И покрај тоа што во следниот период од играта „црвено-црните“ успеаја да се вратат барем малку резултатски, сепак немаа сили во вториот дел да стигнат до комплетен пресврт.

Во третата четвртина Охрид повторно си ја врати предноста со далеку подобра игра под обрачите, за да на крајот само рутински приведе за конечни 80-93.

Најдобар во победничкиот тим беше феноменалниот Девин Брукс кој заврши со 32 поени, 13 скока и пет асистенции, 15 поени запиша Михајловски а со по 14 поени мечот го завршија Донески и Милојевиќ. Во поразениот состав Калов имаше 25 поени и девет скока, а Србиновски заврши со 19 поени и пет асистенции.

По овој триумф, Охрид АВ се израмни со четири победи на табелата со Пелистер, додека „вардарци“ и по 14 кола остануваат без победа во најсилното домашно натпреварување.

Се вчитува...