Бубања: Кој губи има право да се лути, лошиот терен е хендикеп за нас…

Шефот на стручниот штаб на Победа, Славољуб Бубања очекувано е задоволен од победата на неговиот тим на дуелот против шампионот Вардар во 11. коло од ПМФЛ, нагласувајќи дека тоа е триумф на фудбалерите кои си го заслужија.

Бубања вели дека не сака многу да го коментира ставот на тренерот на Вардар, Чедомир Јаневски кој како дел од вината за поразот го посочи и лошиот терен за игра на стадионот „Могила“ во Прилеп. Но, нагласува дека теренот е хендикеп пред се за Победа која го игра тука секој натпревар на домашен терен…

„Сигурно кој губи има право да се лути. Јас не гледам во туѓиот двор туку ме интересира само мојата екипа. А можам да кажам дека оваа екипа дури има и хендикеп што теренот не е подобар. На подобар терен би имале и поголем посед затоа што имаме во екипата доста играчи што се квалитетни кога се во прашање техничката обученост која е на високо ниво“ – вели Бубања околу изјавата на Чедомир Јаневски.

Триумфот над Вардар, пак, за прилепчани мора да се потврди и во утрешниот натпревар против Шкупи на Чаир во 12. коло од шампионатот.

„Како што истакнав и во најавата за натпреварот, Вардар беше изразит фаворит. Ние поради состојбата на табелата моравме да се обидеме да направиме резултат. Очекував дека Вардар ќе биде уморен и истрошен по мечот со Реал Сосиедад во Лига Европа, иако имаше одередени ротации и замени со кои екипата беше освежена. Ние од самиот почеток знаевме што сакаме, го контролиравме првиот дел во кој Вардар го сведовме само на еден шут, на Блажевски во 2. минута, и тоа во ситуација по наша грешка. Во вториот дел бевме подобри, дури и во поседот на топка имавме изгледни шанси да ги казниме и да славиме поубедлива победа. Сепак не ги искористивме, но на мое задоволство играчите ги спроведоа задачите на теренот и до крајот го контролиравме натпреварот. Вчера најмногу пресуди карактерот. Во овај тим евидентен е прогресот но и се гледа дека има уште многу простор за подобрување. Сигурно еден цврст карактер кој го поседуваат 80% од играчите ако го покажуваат од тренинг на тренинг, од натпревар на натпревар, постојано, тогаш единствено можеме да направиме успех. Ова се многу значајни три бодови, можеби повеќе за поголема самодоверба. Реков и ќе повторам дека ние не живееме од победа над Вардар, тој меч мораме да го заборавиме бидејќи утре не чека Шкупи, натпревар кој е многу значаен за нас“ – истакнува стратегот на Победа.

Се вчитува...