Будуќност се избори за втората позиција во АБА

Црногорскиот тим на Будуќност со победата на ФМП со резултат oд 87-64, се избори за второто место на конечната табела во регуларниот дел од сезоната во АБА – лигата. Кошаркарите на Александар Џикиќ добро се намачија за да ја запишат 17. победа сезонава, откако ФМП беше рамноправен противник во поголемиот дел од средбата.

Клучен момент за триумфот беше третата четвртина во која Будуќност почна да гради сигурна предност постигнувајќи 26 поени и така оствари двоцифрена разлика во своја корист. Никола Ивановиќ ја предводеше екипата на Будуќност со 19 поени, Немања Гордиќ додаде 16 поени. За ФМП најефикасен беше Немања Ненадиќ со 17 поени.

Задржувајќи ја втората позиција Будуќност ќе игра против Цедевита во полуфиналето на АБА – лигата, а при првиот дуел Црногорците ќе бидат домаќини. Лидерот и актуелниот бранител на трофејот, Црвена звезда ќе се соочи со Морнар Бар, кој исто така првиот дуел ќе го игра пред своја публика.

Полуфиналните пресметки започнуваат на 16.март, додека финалните разигрувања се закажани за 8. април.

Се вчитува...