Будуќност со голема услуга за Вардар

Ракометарките на Будуќност стигнаа до триумф на гостински терен над Ференцварош (23-24), резултат со кој црногорскиот првак му направи голема услуга на тимот на Вардар. Имено, Ференцварош со денешниот пораз ја заврши главната групна фаза со 14 бода, па „црвено-црните“ имаат можност со триумф на денешниот дуел на домашен терен со Турингер да се вратат на првото место, на кое ја минаа речиси целата сезона во Лигата на шампионите.

Првото полувреме мина во огромни осцилации на двата тима, па така Будуќност го отвори мечот со серија од 0-4. Унгарките првиот гол го постигнаа во 9. минута, но потоа заиграа и многу поквалитетна одбрана, па Будуќност осум минути беше без гол, а Ференцварош поведе со 5-4. До крајот на полувремето и двата тима правеа и технички грешки, па во „брканицата“ по теренит подобро се снајдоа Црногорките, кои на одмор заминаа со минимална предност од 8-9. На стартот од второто полувреме се разбуди Неагу, која играше очајно во првиот дел, но набрзина постигна два погодоци и придонесе Будуќност повторно да се „одлепи“. За разлика од првото полувреме, овојпат избраничките на тренерот Аџиќ не им дозволија на домаќинките целосен камбек, откако Неагу го постигна клучниот гол за водство од 22-24 во последната минута.

Будуќност и покрај победата во Унгарија останува на третото место, со идентичен број на бодови како и Ференцварош, но послаб меѓусебен скор поради убедливиот пораз во Подгорица од 25-33.

Вардар со освојување на првото место во четвртфиналето најверојатно би се сретнал со тимот на Митјиланд, кој моментно е четвртопласиран во групата Б. Постои опција „црвено-црните“ да играат и против актуелниот европски првак ЧСМ Букурешт, но за тоа да се случи Митјиланд треба да слави на денешното гостување во Словенија против Крим, а ЧСМ утре да загуби на гостувањето против Есбјерг.

Се вчитува...