Буфон: Кога јас играв на СП, Мбапе не беше роден

Великанот Џиџи Буфон е на залезот од својата фантастична кариера. Италијанскиот голман пред себе ја има можеби последната шанса да го освои посакуваниот трофеј од Лигата на шампиони. Неговиот тим утревечер ќе ги одмери силите со Монако во првиот од двата полуфинални дуели, а пред себе ќе има голема закана, новата сензација на францускиот фудбал, Килијан Мбапе.„Тој е роден во 1998 година? Јас во 1998 година играв на СП токму во Франција. Тоа е убавината на животот и играњето фудбал толку долго. Да запознаеш играчи кои не биле родени додека ти веќе си направил кариера зад себе. Пред некој ден сфатив дека поврзав три генерации. Кариерата ја започнав со играчи кои се родени во педесеттите и шеесеттите години, а ќе ја завршам со фудбалери кои се родени во 2000 година и подоцна. Возбудливо е да знаеш дека си играл против идниот Меси, Роналдо кои можеби за 10 години, кога јас веќе нема да играм, ќе бидат на врвот во фудбалот, а засекогаш ќе ми останат во сеќавање дека сум играл против нив во нивните почетоци“ – истакна легендарниот Буфон.

Новата ѕвезда на светскиот фудбал има 18 години и екпертите му предвидуваат блескава иднина ако продолжи со оваа форма. Но, на другата страна е човекот кој во кариерата одиграл многу вакви натпревари, но покрај него поминали и многу вакви таленти кои се појавиле под фудбалското небо, блеснале и исчезнале. Разликата помеѓу Буфон и Мбапе е речиси 21 година, поточно 20 години и 10 месеци.

„Џиџи Буфон е голман кој пишува историја, еден од најдобрите во светот, ако не и најдобар. Многу сум среќен и возбуден што ќе играм против него. Тоа е сон на секое дете кое сонува да заигра на големите фудбалски сцени. Секој ден работам напорно за да стигнам да заиграм против некој како што е Буфон, а сега кога конечно добив шанса, ќе дадам се’ од себе да покажам што знам и умеам“ – изјави Мбапе.

Се вчитува...