Чаби Алонсо: Жалам само за три работи во мојата кариера

Играчот за врска на Баерн Минхен, Чаби Алонсо, открива три работи за кои жали во неговата кариера, во пресрет на последниот негов натпревар во кариерата. Искусниот Шпанец ќе се прости од фудбалот в сабота на „Алијанц арената“ против Фрајбург, а во неговите 18 години поминати во овој убав спорт, вели дека се кае само за три работи.

„Да, се каам за неколку работи, три, да бидам попрецизен. Во сезоната 2002/03 со мојот клуб Реал Сосиедад, бевме на само една победа од освојување на Ла лига. Се каам и за сезоната 2008/09, а слично се случи и со Ливерпул. Бевме блиску до Јунајтед, но не успеавме да ги престигнеме. Во дресот на Баерн Минхен се каам за двете последователни елиминации во Лигата на шампиони, прво од Барса во 2015, па од Атлетико во 2016 година. Толку блиску до трофејот, а толку далеку. Можете да го наречете тоа каење, но на крајот тоа е фудбалот, не секогаш победуваш, а како професионалец мораш да се справиш со тоа. Ако се присетам, тогаш мило ми е што имам многу убави спомени, па така сите порази стануваат неважни“ – истакна Алонсо.

35-годишниот играч за врска има раскошна кариера зад себе. Од Реал Сосиедад до Ливерпул, Реал Мадрид па Баерн Минхен, Алонсо играл само за големи клубови, освoил речиси се’, a може да се пофали со два европски и еден светски трофеј и со репрезентацијата на Шпанија.

Се вчитува...