Чапекоенсе одби „имунитет“, па сепак обезбеди опстанок

Чапекоенсе остана без речиси сите фудбалери по страшната авионска несреќа на 28 ноември 2016 година, во која животот го загуби 71 лице. Бразилската Фудбалска Конфедерација тогаш за да му излезе во пресрет на клубот завиен во црно му понуди „имунитет“, односно можност да не испадне од елитата дури и доколку се најде на дното на табелата.

Полни со достоинство, челниците на Чапекоенсе ја одбија оваа понуда со јасна порака дека за нив треба да важат истите правила како и за сите останати, а задоволството е уште поголемо откако дури и со целосно променет состав овој тим успеа да обезбеди опстанок, и тоа на три кола пред крајот на сезоната.

Чапекоенсе синоќа славеше со 2-1 на дуелот со Виторија, голот за победа го постигна Тулио де Мело, додека Алан Рушел, еден од преживеаните фудбалери во несреќата, остана на клупата во текот на сите 90 минути. Освен што осигура опстанок на три кола пред крајот на бразилскта „Серија А“, Чапекоенсе се уште има шанси да обезбеди и пласман во Копа Судамерикана, натпреварување во кое ланската сезона стигнаа до финалето, а несреќата се случи токму на патувањето во Колумбија за првиот финален дуел против Атлетико Насионал.

Се вчитува...