Червар: Ми велеа Циндриќ бил низок, па и Марадона имаше криви нозе…

Лука Циндриќ со извонредните игри во дресот на Вардар се промовираше како еден од најдобрите европски средни бекови, па неслучајно си обезбеди трансфер во редовите на Кјелце за следното лето. Циндриќ за ваквиот развој на кариерата му е благодарен на Лино Червар, откако тренерот на Металург го пронајде Лука од хрватското првенство и го доведе во Металург како замена за тогаш повредениот Наумче Мојсовски.

Го гледав малото финале на јуниорскиот мундијал во БиХ во 2013 меѓу Хрватска и Франција. Тоа беше меч во кој Хрватска беше поразена, но кога влезе Лука веднаш нешто ме привлече. Беше храбар, моќен, со прецизен шут. И мило ми е што ја погодив проценката, па кога ми се укажа шанса го доведов во Металург. Кога игравме со Металург во СЕХА седнав на разговор со татко му во хотелот „Холидеј Ин“ во Загреб и експресно се договоривме за сите детали. Сакав со Циндриќ да го донесам и Борозан, но исто така и не сакав веднаш толку многу да го ослабам Карловац, па почекав една година за да го привлечам Црногорецот. Од сегашна перспектива, пресреќен сум што и двајцата ракометари се покажуваат во извонредно светло“ – истакнува Лино Червар во разговор за хрватскиот весник „Вечерњи лист“.

Стратегот на Металург открива и дека бил критикуван за својата тогашна одлука да го доведе Циндриќ во „Автокоманда“, но Хрватот потоа експресно ги придобил симпатиите на македонската спортска јавност.

Факт е дека високите играчи се попосакувани во екипите за надворешните позиции, но кај Циндриќ ме воодушеви неговата самодоверба. Тој беше полн со енергија и што е најважно, во неко лежи победнички дух. Ми велеа дека е низок, јас одговарав дека тоа не е недостаток, туку предноста на Лука. Впрочем, нели Марадона беше низок и со криви нозе, па сепак стана еден од најдобрите фудбалери на сите времиња“ – коментира Червар.

  

Се вчитува...