Червар: Подобри се од нас, заслужено загубивме

mec baner

Лино Червар на прес-конференцијата по натпреварот му честиташе на противникот за заслужената победа. Признавајќи дека противникот беше подобар, македонскиот селектор како главен проблем во нашата игра ги потенцираше брзоплетоста во нападот и недоволната борбеност во одбраната.

Мораме да признаеме дека бевме надиграни и затоа загубивме. Не треба премногу да се анализира, едноставно заслужено загубивме. Почетокот беше слаб, можеби требаше да има и црвен картон врз Миркуловски, но не сакам да навлегувам во анализи бидејќи поразот е заслужен. Почнавме со одбрана 5-1, потоа сменивме во 6-0, но и тоа не беше премногу добро, во првото полувреме одигравме многу слабо. Промашувавме од сите позиции, па во второто полувреме шанса добија помладите ракометари за да ги покажат своите квалитети. Подобри се, имаат далеку поголем фонд на играчи, ние кога останавме без Миркуловски ја загубивме главата. Екипата што е послаба треба да покаже поголемо срце, тоа не се случи денеска, па го претрпевме овој пораз“ – изјави Червар.

Селекторот се надева дека за следните натпревари ќе го има на располагање Филип Миркуловски, кој заработи незгодна повреда.

Се надевам дека Миркуловски ќе се врати бидејќи неговото искуство е добредојдено за нас, не треба да говорам колку е значаен за селекцијата. Првата дијагноза од лекарите е дека не е премногу сериозно, но треба да почекаме телото да се олади, па да видиме за колкава пауза ќе станува збор“ – истакна кормиларот на националниот тим.

Формацијата „седум на шест“ во нападот не функционираше како на претходните средби, но Червар не се согласува дека бил „прочитан“ од страна на Веселин Вујовиќ.

Не би ја прочитал нивната одбрана како „читање на нашиот напад“. Факт е дека ние премногу брзавме, во овој напад мора да се биде трпелив, да се чека да се создаде ситуација и потоа да се шутира, а тоа не се случи денеска против Словенија. Сетете се на мечот со Тунис, на кој дадовме барем четири гола под закана за пасивен напад. Тогаш бевме трпеливи, сега брзавме, тоа е главната причина за нашите проблеми во нападот“ – објасни Червар.

Хрватскиот стручњак најави и дека би можело да дојде до ротирање на тимот на следниот меч со Шпанија, како би биле сочувани дел од силите за клучната пресметка со Исланд.

Можеби нема да биде мудро премногу да ги форсираме стандардните играчи против Шпанија, бидејќи помалку од 24 часа по тој меч играме со Исланд, тоа е натпреварот што ќе биде најважен за нас. Исланд не е Словенија, но ќе мораме да играме многу подобро отколку денеска за да дојдеме до резултатот што го посакуваме“ – најави Лино Червар.

Се вчитува...