Червар: Секоја победа е добредојдена, но мора да бидеме реални

Ракометната репрезентација победнички ја започна новата година. Со полна пареа работеа избрраниците на Лино Червар во Маврово, а денес го положија и првиот испит во пресрет на Светското првенство што ќе започне за нешто повеќе од една седмица. Победата над БиХ најавува добри игри во иднина, но концентрацијата мора да се одржи во текот на целиот натпревар.

„Секоја победа е добредојдена, но мораме реално да ја согледаме состојбата. Денес настапивме со 21 играч, а така нема да биде на првенството, таму ќе мора да настапиме со најмногу 16 ракометари. Имавме добар пристап и првите 15 минути игравме многу цврсто иако пропуштивме многу голови. Имавме падови, но не сакам да бидам премногу строг или премногу задоволен. Имаме грешки за исправување, но ќе се обидеме да го направиме тоа што поскоро. „шест на шест“ и „седум на шест“ ќе играме и на Мундијалот, не можам да кажам дека сум задоволен со седум во поле, но да речеме дека ова беше солидно издание“  – истакна Червар по натпреварот.

Дел од играчите кои се најдоа на списокот на Лино Червар се и на списокот на Илија Темелковски кој од утре ќе започне со натпреварите од квалификациите за младинското светско првенство. Селекторот е задоволен од учинокот на младите ракометари, како и од голманите за кои имаше само пофални зборови.

„Три клучни играчи утре настапуваат за младинската репрезентација и морав да ги штедам. Не е лесно да се игра со 21 играч и да се внимава да не се повреди некој од помладите. Одбраната функционираше одлично со Талески и Нелоски назад. Потоа имаше падови кои мора да претрпат критика. Тие играчи дозволија да се примат лесни голови, а тоа на СП сигурно нема лесно да ни помине. Да бидам искрен, сите тројца голмани беа добри. Не би сакал да ги спомнувам голманите во некоја негативна конотација, напротив“ – порача Червар.

Се вчитува...