Червар: Со помош од публиката до победа над Бешиткаш

Металург по очекуваниот пораз од Монпелје во ЛШ беше непријатно изненаден и во рамките на СЕХА, губејќи на гостувањето во Нови Сад од екипата на Војводина. Без оглед на се, Лино Червар останува оптимист дека „металурзите“ ќе извлечат поуки од овие порази и веќе на следниот меч, в недела во Скопје против Бешикташ, македонскиот вицепрвак ќе се врати на победнички патеки.

Ги загубивме последните две средби, на кои ги увидовме слабостите што треба да ги отстраниме. Пред нас се два многу важни дуели, прво со Бешикташ, а потоа и со Спортинг, мораме да бидеме пофокусирани. Имаме противник со истакнати играчи на сите позиции, но верувам дека ако ги исправиме недостатоците во нашата игра, со помош на публиката можеме да се надеваме на победа. Нашата цел е јасна, в недела да ги прокнижиме првите бодови во Лигата на шампионите. За тоа да го сториме ќе треба да играме колективно во нападот, тимскиот дух е нешто што ни недостига, а што во Металург секогаш мора да преовладува“ – истакна Червар на денешната прес-конференција.

Левиот бек Дарко Димитриевски смета дека мора да се отстранат грешките во нападот што беа направени пред се на дуелот со Војводина, доколку се сака да се стигне до позитивен резултат против Бешикташ.

Го познаваме противникот кој исто како и ние настапи на турнирот во Струга. Знаеме за каква екипа станува збор, ќе бидеме мотивирани и борбени, а ќе ни биде неопходна и помош од публиката за да стигнеме до посакуваните бодови. Против Војводина премногу грешевме, промашувавме зицери и пенали, во ЛШ таквите работи се недозволиви и ќе мораме да ги користиме сите шанси што ќе ни се укажат за да го совладаме Бешикташ“ – изјави Димитриевски.

Се вчитува...