Червар: Тешко е да му се парира на Веспрем

Екипата на Металург утрово отпатува за Унгарија каде утре (18 ч) му гостуваат на Веспрем, во натпреварот од 18.коло во регионалната СЕХА лига. По зимската пауза, ова ќе биде прв натпревар за „металурзи“ во продолжението на сезоната.

„По долгата пауза за СП во Франција, Металург им се враќа на обврските во СЕХА лигата. Наш прв противник во новата година е екипата на Веспрем која е еден од најсилните тимови во Европа и апсолутен фаворит на претстојната средба. Веспрем е екипа која има одлични ракометари на секоја позиција и игра извонреден ракомет на кој тешко може да му се парира. Сепак, ние ќе се обидеме да го наметнеме нашиот стил на игра. Се надевам дека ќе имаме малку технички грешки и дека одбраната и нападот ќе имаат свој ден“ – изјави тренерот Лино Червар за клупскиот сајт.

Металург за Унгарија отпатува со лет преку Виена, откаде екипата со автобус ќе пдодолжи до Веспрем. Вечерва „металурзи“ во Веспрем ќе го одработат вечерниот тренинг пред утрешниот меч.

Повторно им се враќаме на нашите обврски, а прв противник на стартот на вториот дел од сезоната ни е силниот Веспрем, еден од најголемите фаворити за освојување на трофејот во СЕХА лигата. Веспрем е апсолутен фаворит, особено кога игра на домашен терен. Но, топката е округла, ние ќе направиме се да дојдеме до позитивен резултат“ – вели десното крило на Металург, Никола Костески.

Металург презими на 8.место на табелата во СЕХА лигата, со 10 бода од  13 одиграни натпревари на кои има три победи, девет порази и еден нерешен резултат. Веспрем е на 2.место зад Вардар, со 35 бода од 15 одиграни натпревари, на кои има 11 победи, два порази и две нерешени средби.

 

Се вчитува...