Червар: Вардар е фаворит, но моите момци се подготвени да одговорат на предизвикот

Тренерот на Металург, Лино Червар, знае дека Вардар во мечот од новата сезона во СЕХА – лигата ќе биде апсолутен фаворит, но вели дека неговата екипа е подготвена за предизвикот, потенцирајќи дека неговите играчи ќе дадат се од себе да им ги расипат плановите.

„Пред се, сакам да им честитам на Вардар за минатосезонскиот успех, во СЕХА и во Лигата на шампионите. Тие ќе бидат апсолутен фаворит на отворањето, но ние ќе се обидеме да им ги расипеме плановите. Очекувам од моите момци да дадат се од себе на мечот, и да пружиме што поголем отпор. Мојата екипа е амбициозна, подготвена е на секој предизвик, се надевам дека желбата за победа ќе ни биде мотив да се надигруваме со нив. Очекувам фер и коректен натпревар“, вели Червар.

Хрватскиот стратег вели дека во неговиот тим има многу промени, се приклучија неколку млади играчи, кои ќе имаат своја улога во текот на сезоната. Червар им честиташе на младите ракометари на Металург кои ги претставуваат репрезентативците на првенствата кои се одржаа ова лето.

„Оваа година Металург ќе биде без Обрадовиќ, Младеновиќ, и некои други. Ја сменивме структурата на тимот, пристигна Јагањац. Се обидовме да направиме рамнотежа во годишната возраст, така што повторно имаме една од најмладите екипи. Во првиот тим се приклучија Димитровски, Шилегов и уште неколку млади ракометари. Констатиравме дека овие момци треба да играат што повеќе натпревари, ние ќе се обидеме да ги балансирам. Ги следевте првенствата во млади категории на репрезентациите, па сакам да им честитам на сите мои играчи за успехот. Му честитав на селекторот на младата  репрезентација на Македонија, на сите оние кои работеле со овие млади момци. Мило ми е што се забележува работа со млади и во другите македонски клубови. Така се создава ривалство, со кое ќе се надигруваме, а не да стекнуваме непријатели. Можам да кажам дека на СП во Алжир, Металург имаше дури 90% играчи во репрезентацијата од својата академија, што мислам дека тое е единствен податок. Во 2019 година Македонија ќе биде домаќин на Светско првенство за кадети, каде Металург и таму ќе има 90% играчи во репрезентацијата“, истакна Червар.

Се вчитува...