Чешка немаше сили за ново чудо, Холандија е во полуфиналето

Холандија е третиот полуфиналист на СП во ракомет за жени откако по голема битка славеше на дуелот со Чешка со резултат 30-26. Чешките ракометарки по елиминацијата на Романија одиграа уште еден храбар натпревар, а победникот беше решен во последните десет минути во кои сепак пресуди класата и искуството на „лалињата“.

Мечот почна извонредно за Холанѓанките, кои експресно поведоа со 6-1, терајќи го чешкиот селектор да земе тајмаут по нецели десет минути игра. „Лалињата“ постигнаа гол со две ракометарки помалку за водство од 7-1, но потоа чешкиот состав се разбуди, со поголема леснотија играше во нападот и на полувреме се замина со само еден гол разлика (17-16). Чешка во неколку наврати го израмнуваше резултатот, но во ниту еден момент не стигна до предност. Последен пат мечот беше израмнет на 24-24 на единаесет минути до крајот, за потоа Холанѓанките да заиграат поцврсто во одбраната, да примат само два гола до самиот финиш и да се стигнат до билет за полуфиналето.

Противник на Холандија во следната рунда ќе биде подобриот од дуелот Норвешка – Русија.

Се вчитува...