Чешмеџиев по триумфот над Ц. Гора: Ова е само прва победа на почетокот од нашиот нов пат!

Еден од најдобрите поединци во составот на Благоја Милевски, кој славеше со 2-0 на пријателскиот натпревар против Црна Гора, без сомнение беше капитенот Константин Чешмеџиев.

Дефанзивецот треба да биде столбовите на новата генерација млади фудбалери кои од септември го стартуваат квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2019 во Италија. И самиот Чешмеџиев е повеќе од задоволен по триумфот над Црногорците, верувајќи дека и оваа нова млада репрезентација ќе ја има поддршката од јавноста на патот како наследници на фудбалерите кои обезбедија место на ЕП во Полска.

„Бевме организирани, целта ни беше победа и заслужено се радувавме. Ја контролиравме играта од самиот почеток. Не му дозволивме на противникот удар кон голот, а тоа значи дека ја исполнивме задачата на селекторот. Но, ова е една победа, го оставаме зад нас натпреварот со Црна Гора и се фокусираме на идните активности. Верувајте и во оваа генерација. Поддржете го македонскиот фудбал“ – вели Чешмеџиев.

Младата селекција, сега дополнета и со фудбалерите кои беа повикани во А репрезентација за квалификацискиот натпревар со Лихтенштајн, на 28. март од 14 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ ја очекува и тест дуелот со Бугарија.

Се вчитува...