Чесите се сигурно на ЕП, но сакаат да ја изненадат Македонија

Чешка без никакви дилеми ќе се најде на следното Европско Првенство во Хрватска, дури и во случај на убедлив пораз од Македонија на последниот меч што в недела ќе се одигра во Скопје. Оваа селекција моментно е првопласирана во гупата, во зависност од натпреварите во последното коло би можела да падне и на третата позиција, но и со тој пласман би обезбедила билет за Хрватска, како најдобра третопласирана репрезентација.

Согласно правилата на ЕХФ, при рангирањето на третопласираните репрезентации се бришат резултатите со последните селекции во групите, а Чешка дури и во случај на убедлив пораз во Скопје и триумф на Украина против Исланд би се нашла на првото место при ова рангирање.

Добивме и официјална потврда со толкување од страна на ЕХФ. Горди сме бидејќи покрај пласманот на женскиот тим на претстојниот мундијал во Германија, и машката селекција ќе учествува на ЕП во Хрватска во јануари“ – се пофалија Чесите на официјалната веб-страница на својата ракометна федерација.

Без оглед на тоа што нема да имаат никаков резултатски притисок на неделниот дуел со Македонија, чешките ракометари и селекторот Кубеш и Филип најавуваат максимален ангажман во обид конечно да стигнат до триумф во Скопје.

Пресреќни сме што процедурата е објаснета и сите дилеми околу нашиот настап на ЕП се разрешени. Сепак, тоа не го менува нашиот план да одиграме квалитетен меч против Македонија и да покажеме дека и на гостински терен можеме да играме врвен ракомет. Дома сме доминантни, но мораме да покажеме карактер и на гостувањата, токму затоа неделниот натпревар со Македонците е важен за нас, да покажеме дека можеме да победуваме квалитетни ривали и на гостински терен“ – изјави селекторот Јан Филип.

Се вчитува...