Чокрев знае како – Металург јуниор повторно ќе создава ракометни таленти

Додека суперлигашите ги одработуваат завршните фази од своите подготовки за новата сезона и се обидуваат да ги докомплетираат своите состави, во Првата лига се враќаат два клуба, кои некогаш му значеле многу на македонскиот ракомет и кои оставиле свој длабок белег во спортот за кој со право велиме дека е нашиот најуспешен. Откако пред една седмица стана познато дека ќе се реактивира РК Бутел, денеска нова страница врти и РК Металург Јуниор, клуб кој за само неколку години постоење создаде цела плеада на ракометари кои сега се дел од младинската и од сениорската репрезентации на нашата земја.

Клубот, кој во 2010 година е основан од долгогодишниот претседател на РК Металург Ристо Чокрев, му се враќа на ракометот по двегодишна пауза, со намера повторно да стане средина во која ќе се продуцираат нови млади таленти, идни врвни ракометари и репрезентативци на нашата земја. Иако млад како клуб, Металург Јуниор набрзо стана расадник на македонскиот ракомет за чии потреби создаде такви ракометни имиња какви што се Дејан и Мартин Манаскови, Жарко Пешевски, Борјан и Бојан Маџовски, Филип Талески, Марко Нелоски, Горан Крстевски, Мартин Велковски, Давор Палевски и многу други. Многумина од нив учествуваа на младинското СП во Алжир, од каде се вратија со историското шесто место.

Навистина ми е мило што повторно го враќаме Металург Јуниор на македонската ракометна мапа. Ќе стартуваме со натпреварувањето во Првата македонска лига, а наши скромни амбиции се да организираме средина во која ќе добијат шанса младите ракометни таленти, на кои ќе им создадеме добри услови за работа и кои ќе добијат и можност да настапуваат во сениорска лига. Би сакал да им се заблагодарам на сите фирми кои ја поддржаа нашата идеја и помогнаа да му го вратиме Металург Јуниор на македонскиот ракомет“, вели претседателот на клубот Ристо Чокрев.

Металург Јуниор, кој во својата кратка историја три сезони настапуваше и во македонската Супер-лига, сега повторно ќе тргне од Првата лига, повторно предводен од својот основач- Ристо Чокрев, со чие име е се поврзува најуспешниот период во историјата на РК Металург, период во кој „металурзите“ освоија единаесет трофеи во Македонија, меѓу кои и шест шампионски.

Металург Јуниор својот прв собир ќе го има в среда, 23 август.

Се вчитува...