ЧСМ Букурешт со огромна поддршка против Вардар на Ф4

Противникот на Вардар во полуфиналето на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите, ЧСМ Букурешт ќе има голема поддршка од трибинте во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта. Романскиот тим во одбраната на титулата во ЛШ, ќе го бодрат повеќе од 1000 навивачи, објавија денеска романските медиуми.

„Минатата година ЧСМ Букурешт во Будимпешта имаше околу 500 поддржувачи, овој пат бројот на романските навивачи што ќе присуствуват на Ф4 турнирот во ЛШ ќе биде двојно поголем“ – објави романскиот портал prosport.ro.

Лани романскиот тим во полуфиналето го победи Вардар, а потоа приреди сензација во финалето против Ѓер и ја освои првата шампионска титула во Лигата на шампионите.

На годинашниот Ф4 турнир во Будимпешта ќе настапат истите четири екипи од лани, а исти се и полуфиналните дуели. Вардар и ЧСМ Букурешт ќе играат во второто полуфинале на 6 мај со почеток во 17.45 часот, додека во првиот полуфинален меч од 15.15 часот ќе се сретнат Ѓер и Будуќност.

Финалето и натпреварот за 3.место ќе се одиграат на 7 мај.

Се вчитува...