Чуден некој бојкот: Вардар сезоната ќе ја доигрува со младинци!?

По вчерашната одлука на Комисијата за натпревари на ФФМ со која се одби жалбата на Академија Пандев за „случајот младинец“ од средбата со Шкендија, раководството на Вардар денеска донело одлука продолжението од двете домашни натпреварувања во знак на револт да ги игра со младинскиот свој тим.

Раководството на „црвено-црните“ вчера најави бојкот на ова актуелно водство на ФФМ но и бојкот на првенствата за да сега тој бојкот се претвори во суштина само наштетување на самиот себе и откажување од трката за трофеи и во Купот на Македонија и во шампионатот во кој има уште 15 кола за одигрување.

Од ФК Вардар се уште нема официјално образложение на денешната одлука. Но, интересен е фактот дека се најавува настап со младински тим само на следните два натпревари, утрешниот против Силекс на „Филип Втори“ во 22. коло од ПМФЛ и реваншот од четврфиналето во Купот на Македонија во среда (7. март) против Шкендија во Тетово. A, за потоа ќе следи дополнителна одлука!!!???

Факт е дека оваа одлука е уште една пародија од најтрофејниот македонски клуб, по серијата чудни случувања зимава во редовите на шампионот, со заминувањето на најдобрите млади фудбалери од тимот, караницата меѓу Хамбарџумјан и тренерот Чедомир Јаневски и отстранувањето од првиот тим на Дарко Велковски и Филип Стојчевски. Сето тоа заокружено и со очајните игри и резултати. Токму затоа и за поголемиот дел од фудбалската јавност, па и за самите вардарови навивачи, актуелните одлуки се ништо повеќе од смешно алиби за целокупната ситуација во клубот!

Се вчитува...