Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa

Чудо или не, Аршавин му е понуден на Вардар!

Чудо или не, Аршавин му е понуден на Вардар!

Ќе се случи ли чудо, во Македонија да заигра фудбалер кој добиваше награди во Премиер – лигата, постигнуваше и по четири гола на еден меч (против Ливерпул) во англискиот шампионат, беше капитен на Русија, учесник на Европско првенство?! На Вардар му е понуден Андреј Аршавин (34), дознава ЕКИПА. Ѕвездата на рускиот фудбал, кој блескаше своевремено во Арсенал, беше еден од најдобрите европски напаѓачи, но во последните три години неговата кариера доживеа стрмоглав пад.

Сепак, Аршавин е светско фудбалско име, а, како што дознаваме, „црвено-црните“ имаат неколку дена да размислат дали сакаат да се нафатат на ваков предизвик и да го доведат во Скопје, како најголемо засилување во овој зимски преоден рок, но и воопшто име и презиме какво досега нема играно во македонскиот фудбал. А, на Вардар дефинитивно и му е потребен нов напаѓач…

Андреј Аршавин пред само неколку дена го раскина договорот со рускиот клуб Кубан Краснодар, шест месеци пред неговиот истек, спогодбено разделувајќи се со тимот каде одигра само осум натпревари и не постигна ниту еден погодок. Тој е слободен играч, откако претходно и Зенит Санкт Петербург одлучи да го испрати на позајмица во Кубан, со оглед дека не можеше да се избори за место во составот на Андре Вилјаш Боаш, крај Хулк, Дани и Артем Ѕјуба. Дури и Александр Кержаков од истите причини замина на позајмица во швајцарскиот прволигаш Цирих.

arshavin kuban

Пред неколку дена, Андреј Аршавин спогодбено го раскина договорот со Кубан Краснодар и најави дека доколку не добие нова понуда во брзо време, тогаш ќе ја заврши својата фудбалска кариера.

„Ако има некоја понуда за да продолжам да играм фудбал, дефинитивно ќе ја разгледам. Во спротивно, ќе ја завршам мојата фудбалска кариера“, изјави Андреј Аршавин.

Можеби ќе продолжи да игра, и тоа во Скопје, во дресот на македонскиот шампион Вардар.

Андреј Аршавин цела деценија беше руски репрезентативец, носејќи го дресот на „зборнаја“ од 2002 до 2012 година. За репрезентацијата на Русија постигна 17 погодоци, а меѓу нив и против Македонија. И тоа токму против сегашниот тренер на Вардар, Гоце Седлоски.

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.