Чупиќ: Вардар се уште не го одиграл најдобриот меч!

Иван Чупиќ посакува она што го доживеа лани со Кјелце на Ф4 турнирот во Келн, годинава да му се повтори со Вардар. Лани полскиот тим по сензационалното финале против Веспрем, стана европски шампион. А, хрватското крило по освојувањето на титулата во ЛШ, реши да го напушти Кјелце и да се пресели во Вардар. И се најде во необична ситуација една година подоцна, да биде единствен „бранител на титулата“ во Келн, но во дресот на Вардар, откако Кјелце беше елиминиран и не стигна до завршницата на ЛШ.

„Кога решив да му се приклучам на Вардар минатото лето, имаше многу прашања. Дојдов овде од клуб кој штотуку ја освои титулата во Лигата на шампионите и постигна забележителни резултати во изминатите неколку години. Повеќето играчи не би го направиле тој чекор бидејќи Кјелце беше на повисоко ниво од Вардар, но јас решив дека е време да заминам од полскиот тим и да се приклучам во проектот на Вардар. Клубот имаше план и визија да стигне до финалето во Лигата на шампионите, а јас некако чувствував дека ова е година на Вардар. Ове е место каде луѓето живеат за ракометот и мислам дека целата земја го сонува Фајналфор турнирот во изминативе четири години. Искрено, иако тоа не беше лесна одлука, мислам дека преселбата во Вардар беше вистински избор за мене“ – напиша Иван Чушиќ во својот блог за официјалниот сајт на ЕХФ.

Иван Чупиќ, како што вели, имал среќа во кариерата шест пати со три различни клуба да биде дел од големиот ракометен спектакл на Ф4 турнирирот во Келн. Хрватското крило два пати играше во завршницата на ЛШ со Рајн Некар Левен и три пати потоа со Кјелце и сега, прв пат со Вардар.

„Годинава знам дека не сме меѓу фаворитите, но може да се надеваме и да веруваме дека нашиот тим ќе се претстави добро во двата спектакуларни натпревари што се пред нас. Кога зборуваме со другите момци во соблекувалната, јас истакнуваме дека ова ќе биде едно ново искуство и нешто многу поинакво од се друго. Мора да бидеме свесни дека ќе се соочиме со стресни ситуации во кои секој детал може да биде решавачки. Првиот меч е против Барселона, голем тим со исто таква традиција. Тие дефинитивно се фаворити. Притисокот е на нивна страна, но ние сезонава покажавме дека може да одиграме неверојатно и во одбраната и во нападот. Разговараме само за еден натпревар и се подготвуваме навистина напорно. Целата сезона беше извонредна за нас, со добри резултати и во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата. И јас се надевам дека после 4 јуни ќе имаме убави спомени од Келн. Мислам дека се уште не сме го одиграле нашиот најдобар меч…“ – порачува Иван Чупиќ.

Се вчитува...