Дани Алвеш се сели во Премиер – лигата?

Искусниот десен бек на Јувентус, Дани Алвеш, од следната сезона би можел да зачекори на англиските фудбалски терени, откако Челси и Манчестер сити се распрашуваат за ангажман на Бразилецот. Поранешниот играч на Барселона има уште една година од договорот со „Старата дама“, но во неговата дебитантска сезона во Италија, Алвеш освои се што можеше да се освои, па сега е во потрага по нов предизвик, а ќе го добие во најсилната лига во Европа, Премиер лигата.

34-годишниот репрезентативец на Бразил го загуби финалето од Лигата на шампиони, иако играше против неговиот омилен противник, Реал Мадрид. Тој претходно со Барселона три пати го освојуваше пехарот во 2009, 2011 и во 2015 година.

Конте и Гвардиола сега ќе се надмудруваат за овој фудбалер, бидејќи и двајцата имаат мисија да ги засилат своите состави во пресрет на новата сезона, а искуството на Дани Алвеш би било добредојдено и за двата тима. На Конте му е потребна конкуренција за позицијата на Виктор Мозес, додека Сити остана без десен бек, откако Забалета по девет сезони го напушти „Етихад“ и го облече дресот на Вест хем. Прва опција за Гвардиола е Кајл Вокер од Тотенхем, кој изрази незадоволство и реши да ги напушти „петлите“. Тотенхем за него бара 50 милиони фунти, Сити веќе потроши 150 милиони фунти за тројца играчи, се очекуваат уште неколку засилувања со вкупна вредност од 200 милиони фунти, па доколку не го ангажираат Вокер, Алвеш ќе биде полн погодок за „граѓаните“.

Се вчитува...