Дарушафака ја изненади Басконија, Ленгфорд го уништи Бамберг

Со 20 минути добра игра, кошаркарите на Дарушафака успеаја да ја изненадат Саски Басконија која од гостувањето во Турција ќе си замине без бодови. Бертанс и Ванамејкер беа незапирливи на паркетот и имаа најголем удел во победата од конечни 98-89 (20-24, 27-22, 30-22, 21-21). Кошаркарите од шпанскиот прволигаш успеаја да се вратат во самиот финиш, но на семафорот немаше доволно време за целосен пресврт.

Бертанс со 29 поени и Ванамејкер со 21 беа најефикасни додека двоцифрени беа уште и Моерман со 15 поени и Клајбурн со 14 поени. За Басконија, Ханга запиша 19 поени, шест помалку постигна Шенгелија. Двоцифрени беа и Будингер со 12 поени, по 10 поени запишаа Ларкин, Војтман и Тили.

Час претходно, Уникс Казан запиша уште една победа на домашен терен, овој пат против Бросе Бамберг со 63-58 (13-20, 17-16, 16-11, 17-11). На кошаркарите од Русија им беше потребно време за да го пронајдат решението за одбраната на противничкиот тим, но успеаја во таа намера и ја запишаа седмата победа оваа сезона.

Само шест играчи на рускиот клуб се запишаа во листата на стрелци, а соло-шоуто на Ленгфорд од 27 поени му ја донесе победата. Стрелниекс со 13 поени и Милер со 12 беа најефикасни на спротивната страна.

Се вчитува...