Даскаловски: Калев е ривал со кој можеме да се надигруваме

Тренерот на Карпош соколи, Борче Даскаловски, е задоволен од добиениот противник во првата квалификациска рунда од Лигата на шампионите на ФИБА, откако со денешниот ждреб македонскиот првак налета на Калев. Естонскиот првак е противник со кој „соколите“ ќе имаат што да кажат и против кого дефинитивно можат да се надеваат на успех, секако доколку најпрвин состават силен и конкурентен тим сличен на оној ланскиот.

Пред ждребот немав никаква желба бидејќи ништо не зависеше од нас. Од сегашна перспектива, мислам дека Калев е солиден тим, но исто така и тим со кој можеме да се надигруваме. Тие се поискусни од нас во европски рамки, но верувам дека можеме да се носиме со Естонците. Како и да е, се ќе зависи од нас бидејќи најважно е да составиме добра екипа и да минеме квалитетни подготовки“ – изјави Даскаловски за ЕКИПА.

Доколку го мине тимот на Калев, македонскиот вицепрвак во следната рунда ќе се сретне со Фехервар од Унгарија. Потенцијален ривал на „соколите“ во третото коло е турскиот прволигаш Каршијака, а доколку се стигне до групната фаза, таму Карпош соколи ќе биде дел од групата А каде веќе сигурни се Монако, Хапоел Холон, Мурсија, Енисеј, Сасари, Еве баскетс и уште еден тим што ќе обезбеди пласман преку квалификациите.

Се вчитува...