Де Бур доби отказ – нула бодови, нула голови и пет милиони фунти отштета

Франк де Бур повеќе не е менаџер на Кристал палас откако управата на лондонскиот клуб донесе одлука да му врачи отказ на холандскиот стручњак. Причината е повеќе од јасна – Палас во првите четири кола не само што не освои ниту еден бод, туку и за 360 минути игра не постигна ниту еден единствен погодок. Со тоа, Кристал палас е закован на дното на табелата, па јасно е зошто водечките луѓе на клубот решија да ја прекинат соработката со Холанѓанецот, кој по Интер има уште една кратка и неуспешна тренерска авантура, овојпат во англиската Премиер-лига.

Сепак, Де Бур добро ќе го наплати овој отказ, како отштета добивајќи огромни пет милиони фунти за нешто повеќе од два месеци работа. Причина – Кристал палас ќе мора да ги исплати преостанатите три години од договорот поради предвремениот раскин, па јасно е дека Холанѓанецот ќе има добра утеха за прекинот на соработката.

Главен фаворит за нов менаџер на Кристал палас останува екс-селекторот на Англија, Рој Хоџсон, кој во текот на денешниот ден би требало да потпише двогодишен договор со овој клуб.

Се вчитува...