Де Хеа, Тер Штеген и Реина едногласни: Се жалат за топката со која ќе се игра на СП

Репрезентациите учесници на Светското првенство во Русија вчера за прв пат имаа шанса да ја пробаат новата топка на „Адидас“ со која ќе се игра на мундијалот. Всушност, фудбалерите ја почувствуваа топката и неколку дена порано за време на подготвителните тренинзи во пресрет на пријателските мечеви, па така и најдобрите чувари на мрежите веќе имаа замерки дека топката е чудна и тешка за контролирање.

Актуелниот светски првак Германија и светскиот шампион од 2010 година Шпанија, вчера во Дизелдорф ги вкрстија „копјата“ во натпревар кој заврши без победник (1-1). Меѓу главните актери се најдоа и голманите на двете селекции, Марк Андре Тер Штеген и Давид Де Хеа, и двајцата по еднаш ја вадеа топката од својата мрежа, иако претходно направија шоу со своите одбрани.

Де Хеа во дискусија со Реина и Кепа (резервните голмани на Шпанија) се согласил дека топката тешко се контролира поради недостаток на тежина, и дека ќе имаат доста проблеми во текот на првенството.

„Многу е чудна. Не можам да утврдам дали е тоа поради недостаток на тежина, премногу лесно менува правец, ниту пак лесно можам да ја задржам во рацете поради материјалот од која е направена“, истакна првиот избор на „црвената фурија“.

Свое мислење за топката имаше и Тер Штеген, но Германецот истакна дека голманите ќе мора да се навикнат на неа, при тоа им даде совет на креаторите од „Адидас“ дека имаат уште време да ја подобрат пред почетокот на мундијалот.

„Топката можеше да биде подобро направена, но тоа е само мое мислење. Ќе мора да се навикнеме на неа и да се научиме што подобро да ја контролираме. Но, мислам дека се уште има време да ја модифицираат и да ја направат подобра“, изјави Тер Штеген.

Се вчитува...