Деби на Талески со гол, Некар Левен славеше над Минден

Филип Талески конечно го имаше своето деби во дресот на Некар Левен, откако македонскиот репрезентативец настапи за „лавовите“ на вечерашниот меч со Минден што германскиот првак го доби со 26-20. Екс-капитенот на Металург пристигна во новиот клуб по завршувањето на СП во Франција, во изминатиот месец тренираше со остатокот од тимот, за денеска да добие шанса и на теренот да покаже дел од своите квалитети.

Тој влезе во игра уште во првото полувреме и со прецизен удар успеа да го матира гостинскиот голман во периодот кога „лавовите“ се мачеа во фазата на нападот. На одмор неочекувано се замина со предност на Минден од 9-11, за потоа Некар Левен во вторите 30 минути да заигра во својот препознатлив ритам, лесно да го сврти резултатот во своја полза и да триумфира со конечни шест гола разлика.

Талески го заврши мечот со еден гол од четири шутеви, но јасно е дека како што ќе минува времето, така неговата самодоверба ќе расте, а со тоа и ефектот на натпреварите на германскиот гигант.

Се вчитува...