Периќ ќе биде тренер на голманите во Вардар

Поранешниот селектор на Србија, Дејан Периќ во иднина ќе биде дел од стручниот штаб на Вардар, одговорен за работата со голманите во редовите на македонскиот шампион.

Како што информираат од РК Вардар, веќе на почетокот на март Периќ ќе ја презема работата и ќе им се приклучи на Раул Гонзалес и Давид Девис Камара како засилување на патот кон Ф4 од ЛШ.

Во својата играчка кариера Периќ има настапувано за екипите на Динамо Панчево, Црвена Звезда, Пелистер, Атлетико Мадрид, Теукро, Целје, Барселона и Веспрем. Како дел од овие тимови двапати беше европски првак, со Целје во 2004 и со Барселона во 2005. Со Веспрем во 2008 го освои КПК, а има и девет титули во првенствата на Словенија, Шпанија и Унгарија.

Како тренер, 47-годишниот Периќ во периодот од 2015 до 2016 година беше и селектор на репрезентацијата на Србија.

„За Македонија ме врзуваат убави спомени бидејќи на почетокот на мојата кариера играв во Битола. Исто така во еден период и мојот татко беше тренер на Вардар, па затоа ја чувствувам поврзаноста со тимот. Верувам дека заедно со Вардар ќе продолжиме со добрите резултати и во иднина ќе има добри голмани кои и досега беа препознатлив дел од тимот. Одамна се имам запознаено со амбициите на Вардар и со неговиот сопственик Сергеј Самсоненко, и ова сигурно ќе биде нов предизвик и за мене. Очекувам заедно со тимот и стручниот штаб да соработуваме добро и да донесеме уште подобри резултати. Вардар е тим од самиот европски врв, има одлични играчи и услови и тоа е добар предуслов за продолжување на она што клубот во моментов го има постигнато“ – вели Дејан Периќ за официјалната интернет страница на „црвено-црните“.

Се вчитува...