Дерби: Вардар оди под Шара, ако загуби, како лавина да го затрупала

Почеток на пролетниот дел од сезоната во Првата лига и веднаш максимална возбуда. Дерби – пресметка во Тетово (14 часот) меѓу есенскиот првак Шкендија и актуелниот шампион Вардар. Снежна идила во Тетово, тешки услови за фудбалерите, но и голем предизвик да се победи ривалот. Шкендија е секако порелаксирана, затоа што игра на домашен терен, но и има завидна залиха од осум бода, создадена во првиот дел од сезоната.

„Ние сме лидери на табелата и по подолг период сме фаворити. Имаме максимални мотиви, но некој посебен притисок нема. Секако, нашата цел е победа против Вардар и ако успееме во тоа, ќе создадеме 11 бода предност пред конкурентот, што мислам дека ќе биде веќе недостижна предност. Ќе играме пред нашите гледачи, ќе ја имаме нашата поддршка, и верувам дека ќе потврдиме и на теренот дека сме одлично подготвени“, вели капитенот Ферхан Хасани пред дербито.

Вардарци по подолг период не ја почнуваат пролетта од првата позиција на табелата. Сега тие ќе треба да ја бркаат шампионската титула. „Минус осум“ во однос на Шкендија и не е така многу, но доколку успеат да го совладаа ривалот во меѓусебните дерби пресметки. Ако загубат, ќе биде како лавина од Шара да ги затрупала. Шкендија ќе побегне на „+11“ и титулата ќе биде многу, многу далеку…

Првото искушение за тимот на Чедомир Јаневски е денеска во Тетово. Без многу помпа во јавноста, дури и многу срамежливо, „црвено-црните“ влегуваат во оваа битка. Од таборот на вардарци доаѓа и информацијата дека неизвесен е настапот на Бразилецот Фелипе, клучниот играч во средниот ред. Тие оваа зима останаа и без репрезентативците Бобан Николов и Висар Муслиу, а вториот преку Приштина пристигна директно во ривалот Шкендија.

Интересен момент пред денешното дерби е и промената на главниот судија. Еден ден пред мечот, поради објективни причини како што наведува ФФМ на својот официјален сајт, сменет е Александар Ставрев, а шанса да ја дели правдата добива Марјан Ецкоски.

Тетово е снежно, но дербито ќе биде „жешко“…

Се вчитува...