Дерби за титулата – втор дел: Шкендија не знае за пораз, а Вардар и подготвува ’ре-пе-те’ од лани

Десеттото коло од Првата фудбалска лига на Македонија ни го носи големото дерби. Вардар на арената „Филип Втори“ денеска (14.30 часот) ќе ја пречека Шкендија, која му го нанесе единствениот пораз досега, на самиот старт од шампионатот, во Тетово. Но, „црвено-црните“ се надеваат дека сега ќе возвратат со иста мера, и дека ќе и го нанесат првиот пораз на Шкендија. Или што би рекле фановите на Вардар, време е за „ре-пе-те“. Шкендија редовно губела од Вардар во Скопје во првенствени битки за титулата.

Напаѓачот Дејан Блажевски се надева дека со поддршка од публиката, Вардар ќе биде тимот што ќе слави на денешниот дерби дуел.

„Нашата цел на овој натпревар е освојување на трите бода, иако играме против една добра екипа. Меѓутоа верувам дека ако пружиме добра игра, ако играме онака како што ќе се договориме, дека можеме да ја оствариме нашата цел. Ја повикувам и публиката да дојде во што поголем број да ни даде поддршка за да стигнеме до победата на ова дерби“, вели Блажевски.

Дефанзивецот на Шкендија, Адријан Цуцули, го пренесува оптимизмот од таборот на Шкендија.

„Не очекува еден тежок натпревар против Вардар, затоа што ќе играме на теренот на главниот конкурент за шампионската титула. Меѓутоа, ќе влеземе во овој дуел без голема еуфорија. Секако, посакуваме победа, но мора да бидеме и внимателни, затоа што знаеме дека овој дуел не може да го реши првенството. Одиме да одиграме најдобро што знаеме и се надеваме на позитивен резултат. Свесни сме за нашиот квалитет и знаеме дека можеме да победиме во Скопје“, истакнува Адријан Цуцули.

Возбудливо се очекува да биде и на пелагониското дерби во Битола меѓу Пелистер и Победа, како и на пресметката во Тетово, меѓу Ренова и Работнички. Во Струмица, тимот на Академија Пандев ќе биде домаќин на Шкупи, а на „Железарница“, Скопје ќе ги одмери силите со Силекс.

ПРВА ЛИГА – 10.КОЛО, ДВОЈКИ (14.30 ч.)

Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА

Струмица: АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКУПИ

Битола: ПЕЛИСТЕР – ПОБЕДА

Тетово: РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ

Скопје: СКОПЈЕ – СИЛЕКС  

Се вчитува...