ДЕЖА ВУ: За бегство од Вардар најдобри „виновници“ се секогаш Комитите и јавноста!

За многумина кои се добро запознаени со ситуацијата на домашната спортска сцена воопшто не е изненадување одлуката на Сергеј Самсоненко да се повлече од спонзорирањето на трите вардарови клубови. Чин кој се насетуваше веќе извесен период но беше одолговлекуван поради настапите на ФК Вардар во квалификациите за Лигата на шампионите.

Токму затоа и многумина во домашната спортска јавност не се изненадени и од „играта“ која се сервираше со билетите за дуелот со Фенербахче како би се извлекол очекуван притисок од сите вардарови навивачи и симпатизери, и дел од медиумите, и би се нашло причина за повлекување од клубот. А, заминувањето на Русинот веќе се навестуваше и со неговиот влез во ЦСКА Москва и преземањето на менаџирањето со руската ракометна репрезентација, но и со одлуката да нема никакви засилувања во Вардар за квалификациите за ЛШ, па дури и да се распродаваат фудбалери пред дуелите со Фенербахче.

За многумина „вардарци“ приказната како да се повторува од онаа 2008 година кога поради „Стража“ одлучи да се повлече Трифун Костовски… Тогаш, како што е познато, „Комитите“ по серијата неуспешни вардарови настапи го нападнаа на превојот Стража автобусот со вардаровите фудбалери, Костовски одлучи да се повлече а во јавноста остана впечатокот дека „Стража“ е виновна за тоа… Но, вистината има и една сосема поинаква страна.

Милорад Миленковски, кој тогаш како претставник на „Комити“ беше акционер во раководството на Вардар, преку својот коментар јасно потенцира дека приказната сега се повторува, а ова актуелно раководство на Вардар, повторно само си пронашло своја „Стража“, навивачите и дел од јавноста, за умешно да изведе нова фарса и пронајде алиби за повлекување од клубот…

„Зградата на Еуростандард банка, на најгорниот кат, седнати во канцеларијата на нејзиниот сопственик, прва екипа Комити и сопственикот, бизнисменот и почитуваниот г-дин Т.К… Канцеларијата зрачи од луксуз, раскошност и стил… Наздравуваме со најскапото виски во име на договорената соработка на Колективните членови, да, ФК Вардар во тоа време беше така организиран Управувачкиот пакет го имаше Кометал 51%, “Мода” и бизнисменот О.К. (зетко) имаше 24,5%, и н.г Комити 24,5%. Но колективните членови имаа право на вето за одлуките на клубот, оние поважните и стратешки (бои, име, суфикс префикс, продажба…). Ненадејно во просторијата ненајавен упаѓа, вториот колективен член О.К… “Ооо зетко повели влези”, се поздравува со “дедо” а потоа и со сите присутни културно, и веднаш се упатува кон Кумадорите да се послужи себеси и гостите со ретки кубански пури, во својство на некогашен домаќин…Наздравуваме за присуството на сите колективни членови кои го сочинуваат раководството на Фудбалскиот Клуб Вардар и разговараме за “Стража” којашто скоро се случи но фокусот е буџетот за следната сезона… Стража беше споредна тема, никогаш не беше главна, иако во јавноста делуваше поинаку. Тогаш ценетиот бизнисмен и домаќин почна да зборува за вистинската тема, Финансиската криза во Европа која длабоко го беше зафатила, особено бизнисите во Австрија и ни кажува на сите присутни дека не е во состојба да биде главен спонзор во клубот поради финансиската криза (2008/09). Му даваме предлог да играме со скратен буџет додека кризата помине, и резултатот во таа сезона да биде спореден…Од првин одбива поради реномето кое го има како бизнисмен и Градоначалник на Скопје, да води клуб во 1 МФЛ со име Вардар и да не се бори за титула, и доаѓаме до конкретна цифра која тој е спремен да ја обезбеди за следната сезона и таа е околу 250.000 Евра, Во тоа време ФК Металург имаше најголем буџет од околу 500.000 евра. “Дедо” го прашува “зетко” дали и тој може да вложи одредена сума за да комплетираме буџет, и “зетко” одговара, да секако ќе обезбедам 100.000 евра, и сите супер наздравуваме, имаме буџет од околу 350.000 евра, второ место и излез во Европа обезбеден и со мала среќа и напор ќе се бориме за титула, сите воздивнуваме, а најсилно “дедо”… Наздравуваме и кога сите мислевме дека буџетот е заокружен стигнува неочекуваниот услов од “зетко”, “Јас ќе спонзорирам 100.000 евра но само доколку и Комити обезбедат уште толку”…Студен туш за сите а најмногу за “дедо” кој по состанокот донесе одлука за напуштање на ФК Вардар“ – пишува Миленковски, и дополнува:
„Ќе повторам еден детал од скратената приказна, “СТРАЖА НЕ БЕШЕ ТЕМА НА РАЗГОВОР”… Многумина ќе се запрашаат што всушност значи моментот со Стража, но доколку се врати приказната ќе се види дека во медиумите “Стража” беше причината за заминувањето на бизнисменот Т.К. а не нешто друго од типот некаков конфликт со навивачите. Сега се случува ФК Вардар да игра во Европа, прво Малме па Копенхаген и сега Фенербахче…Цело време се препотенцираат добиените казни од Уефа, коишто да за во Струмица има некаков основ, за со Копенхаген нема туку поради неедуцираност на делегатите, (крст на траспарент на Јужна е протолкуван како нацистички симбол, ха ха ха). ФК Вардар ги одредува цените за билетите за мечот, и кога сите очекуваат цени за полн стадион тие излегуваат со цени за “VIP” гости и на понижувачки начин информираат дека Јужната трибина, а следствено и Источната се дадени за гостински навивачи…WTF? Прво “лапсузот” со Копенхаген и одредување за иста висина на цена за Јужна и Западна трибина…Повторно WTF? Едноставно е, трибините позади гол имаат пониски цени на влезниците поради драстично полошиот преглед на играта. ОК на Запад никој не го интересира прегледот на играта ниту формацијата, туку се пцуе по секоја одлука на судиите за офсајд иако аголот од каде тоа се гледа е невозможен. Но на запад е срцето на Вардар, секогаш било, а душата му е на Југ… Секој навивач на Вардар прво стапнува на Јужна со татко му, или евентуално со дедо му, чичко, вујко, ама баш секој… Од таму ја следи играта но од таму поголемиот дел од времето ја следи западната трибина и сонува кога ке потпорасне да се приклучи на Западот… Јужна трибина во историјата може да се каже дека е Регрутен центар за Западната трибина. Регрутниот центар за срцето на клубот и душата на ФК Вардар, Јужната е продадена на Турците. Тоа за секој навивач на клубот е исто она што во времето на Отоманската Империја било данокот во крв, да дадеш свое чедо во името на империјата…Тогаш тоа било регулирано со закон а денес, се регулира за 50 евра по дете курбан за обновената империја. Турците ни се пријатели, сигурно едни од најголемите кои Македонија ги има во овој свет, и можеби се најдобредојдените гости на Градскиот стадион, но дури ни тие самите не очекувале дека домаќинот толку лесно ќе се продаде, не верувајки во идејата и идеалот за борбата, и во четата борци кои ги има на располагање, се предаваат без битка… Ах да чуе сега Питу Гули дека неговите потомци се продадоа за грст грошеви, и без битка го положија оружјето… Правилата на УЕФА налагаат одреден процент од стадионот да биде резервиран за гостински навивачи, во превод 1 до 2 блока…еве во името на добрите односи и поддршката која Турција ја дава на Македонија на политичко ниво, да им дадеме 6 блока односно цела Источна Трибина која собира 6000 луѓе. Но не, нашето раководство е реинкарнација на султанот и наместо 1600 билети по прописите на Уефа, или 6000 во името на добрососедството ние им даваме 18000 билети за да бидат еднакви со домакините, “Клетите Комити”… Дали раководството прво знае како се вика нивната навивачка армија? Што симболизира тоа име? Ете така, “Стража” беше повод за почитуваниот бизнисмен Т.К си замине од ФК Вардар на грбот на “клетите Комити”, а сега новото раководство си спрема своја “Стража” упатувајќи силна провокација кон своите навивачи, и очекувајќи таква една “стража” да се оствари за да има алиби да повторно посочи кон “Клетите Комити” како причина зошто заминува…“ – пишува меѓу другото Миленковски во своето сеќавање.

Се вчитува...