Џош Скот пред заминување од МЗТ Скопје

МЗТ Скопје како да немаше доволно проблеми со повредите на дел од клучните кошаркари, па згора на тоа „металците“ ќе останат и без Џош Скот. Американскиот кошаркар инсистира на заминување од редовите на МЗТ по завршувањето на сезоната во АБА-лигата, официјално барајќи раскин на договорот со актуелниот првак на „металците“.

Можам да потврдам дека Скот побара прекин на соработката со нашиот клуб. Се уште немаме донесено конечна одлука, Скот ќе го доигра последниот меч од АБА против Морнар, па потоа ќе повлечеме конкретен потег“ – изјави директорот на МЗТ Скопје, Видоја Секуловски.

Деновите на Американецот се избројани, а челниците на клубот веќе ја почнаа потрагата по негов наследник, со оглед на фактот дека преодниот рок се завршува в петок, а МЗТ ќе игра со Морнар в понеделник. „Металците“ се во потрага и по нов плејмејкер и по крилен центар, а со заминувањето на Скот ќе мора да размислуваат и за уште еден дополнителен висок кошаркар бидејќи за тоа место во тимот ги имаат само Лалиќ и Младеновски.

Џош Скот беше еден од најдобрите кошаркари на МЗТ Скопје во текот на АБА-лигата и неговото заминување во секој случај ќе значи намалување на шансите на актуелниот првак за одбрана на титулата.

Се вчитува...