Дибиров: Фленсбург е опасен тим, ќе се обидат да не изненадат

Тимур Дибиров беше движечка сила во брзите контранапади на Вардар на првиот меч од четвртфиналето во Лигата на шампионите,  против Фленсбург во кој вардарци славеа победа со 24-26. Искусниот руски репрезентативец пред утрешниот реванш со германскиот противник во Скопје ги истакнува позитивните моменти и пред се тимската игра игра на „црвено-црните“ како проверен рецепт за успех, но, и предупредува на внимателност за реваншот кој носи пласман на Ф4 турнирот од ЛШ во Келн.

Впечатоците по првиот меч се многу позитивни. Ние успеавме да го победиме Фленсбург на нивниот терен, во салата во која домашниот тим има огромна поддршка. Задоволен сум затоа што ние одигравме како тим, тоа е единствен начин на кој треба да се игра против големите противници“ – вели Дибиров во изјавата за официјалниот сајт на ЕХФ.

Иако во овие 4-5 дена од првиот меч до утрешниот реванш и нема премногу време за поголеми промени во играта, Дибиров, сепак, нагласува дека Фленсбург е доволно квалитетен и доволно искусен тим кој сигурно ќе се обиде да го изненади својот противник. Вардар зад себе веќе има едно непријатно искуство со истиот противник од пред три години кога Фленсбург успеа да се пласира на Ф4 со повеќе постигнати голови на гостински терен.

„Фленсбург е многу опасен тим предводен од извонреден тренер, кој сигурен сум, ќе се обиде да не изненади во одредени сегменти. Мислам дека нема многу време за некои сериозни промени. Има многу големи разлики меѓу тимовите од 2014 и сега. И двата тима работеа многу напорно и имаат забележителен напредок во изминативе три години. Но, сега е моментот да видиме кој ќе оди понатаму“ – истакнува левото крило на Вардар.

Во изминатите три сезони, Вардар три пати играше во четвртфиналето од Лигата на шампионите, но ниеднаш досега не успеа да стигне до Ф4 во Келн. Во македонскиот шампион веруваат дека сега имаат шанса и доволно искуство да го направат и тој чекор напред.

Мислам дека на домашен терен ќе биде уште потешко за нас. Ние веќе ја заборавивме победата од првиот меч и тргнуваме од почеток. Се надеваме дека во фантастичната атомсфера што ја имаме во салата, заедно со нашите навивачи, може да ја оствариме целта и конечно да се пласираме на Ф4“ – вели Тимур Дибиров.

Натпреварот Вардар – Фелнсбург се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19 часот.

Се вчитува...