Диего Коста: Челси ме третира како да сум криминалец!

Диего Коста се наоѓа во родниот Бразил и чека разрска за заминување од Челси, а британските медиуми го посетија неговиот дом, при што тој „распука“ дека клубот го третира како криминалец. Коста без влакна на јазикот ја образложи целокупната ситуација во клубот од Лондон, како и збиднувањата околу неговата иднина уште од почетокот на 2017 година.

Она што најмногу го разочара Коста е начинот на кој Конте му соопшти дека нема да смета на него за оваа сезона. Коста истакна дека клубот го третира како да е криминалец, а дека на Италијанецот му недостасува харизма, потенцирајќи дека секогаш ќе ја чува неговата порака преку која дозна дека нема да биде дел од тимот повеќе.

„Ме третираат како да сум криминалец. Немам право на пристап во соблекувалната, не можам да се видам со моите соиграчи. Мислам дека не го заслужив тоа после се’ што дадов за овој клуб. За време на претсезонските подготовки ди дадоа една недела повеќе да одморам, а од тогаш цело време сум казнуван. Ми понудија да тренирам со резервите, им кажав дека немам намера да го правам тоа, па не ми е грижа ако ме казнуваат“, истакна Коста.

Јануарскиот преоден рок од минатата сезона можеше да има приказна со среќен крај за Коста и Челси, но Конте беше човекот што ги прекина преговорите околу новиот договор за Бразилецот со шпански пасош. Голгетерот потоа одби неколку понуди од Кина, со желба да остане во Лондон, но тврдоглавиот Конте го истера планот по свое.

„Во јануари преговаравме за нов договор, бевме во завршна фаза, но наеднаш се’ се прекина. Конте ги прекина преговорите, неговиот план беше да доведе друг напаѓач, а мене ми даде дознаење дека можам да си барам нова средина и нов клуб. Ги одбив понудите од Кина, кога веќе нема да играм за Челси, ќе одам во клуб каде ме сакаат и почитуваат, а тоа е Атлетико Мадрид. Подготвен сум да седам тука цела година и да чекам, а потоа да се вратам во Атлетико“, додаде Диего.

И покрај целокупната ситуација, Коста многу го почитува Конте од фудбалски аспект, ја прокоментира неговата филозофија, но не испушти да го опиша каков е надвор од терените.

„Тој има многу јасна визија за тоа како треба да фунционира неговиот тим на теренот. Многу е посветен на работата, очигледно си ја врши добро работата. Ја врати титулатата на „Стемфорд бриџ“, ја доби довербата на навивачите како и на одборот. Но, не можам да кажам дека го почитувам како човек, му недостига харизма. Тоа што го направи никогаш нема да му го заборавам. Јас знам дека сум во право, но ако докажат дека не сум, јас уште сега ќе се вратам и ќе правам се’ што ќе ми кажат“, изјави Коста и уште еднаш потенцираше околу тоа каде би сакал да ја продолжи кариерата.

„Доколку е возможно, сакам трансферот да се среди уште овој месец. Сакам да се вратам во Мадрид, да тренирам додека не ја вратам формата и физичката подготвеност, за да си го обезбедам местото во репрезентацијата на СП следната година. Да бидам дел од шпанскиот тим на СП ми значи исто колку и враќањето во Атлетико. Раководството на Челси, како и мојот агент ги знаат моите желби, се надевам дека ќе вложат напори да го остварат трансферот“, заврши Диего Коста.

Се вчитува...