Диего Коста имал 100 милиони причини за да се скара со Конте

Шпанскиот репрезентативец Диего Коста имал жестока расправија со клупските доктори, која резултирала и со одлука на менаџерот Антонио Конте да го исфрли од составот за денешниот дуел против Лестер на гостински терен. Најдобриот напаѓач на Челси наводно реагирал на фитнес вежбите што му биле препорачани од клупските доктори за надминување на повредата на грбот која ја влече подолг период, меѓутоа вистината е сепак малку поинаква.

Медиумите на Островот откриваат дека Диего Коста е залуден од понудата вредна 34 милиони евра како годишна плата што тој би ја заработувал во Кина, доколку Челси ја прифати понудата на клубот Тианјин за негова преселба на Далечниот Исток. За тригодишен договор, Коста би заработил повеќе од 100 милиони евра, што секако е сума што може да ги излуди и најплатените фудбалери во Премиер – лигата.

Сепак, газдата на Челси, Роман Абрамович не сака ниту да слушне за негова продажба, а тој има договор до 2019 година. Тоа значи дека ќе мора да остане на „Стемфорд бриџ“, што и не му се допаѓа премногу на Диего Коста, со оглед на баснословната понуда од Кина.

Се вчитува...