Димитријевиќ: Кошарката е забава, затоа уживам додека играм

Ненад Димитријевиќ од 14 години е член на Хувентуд, а напорната работа низ младинските категории се исплатеше, тој сезонава заигра и во Ендеса-лигата, а добрите настапи придонеосоа македонскиот плејмејкер на 19 години да го потпише и професионален договор со тимот од Бадалона, со важност до 2021 година. Јасно е дека во Хувентуд гледаат на Димитријевиќ како на многу важен играч за иднината на клубот, а младиот плејмејкер не ја крие благодарноста за третманот што го има во својот тим.

Во Бадалона се чувствувам како дома, тоа не е никаква тајна бидејќи тука ги минав последните пет години од мојот живот. Пресреќен сум за потпишаниот договор и довербата што сите во клубот ја имаат во мене, но сега чувствувам уште поголема обврска да продолжам да работам и да напредувам. За мене кошарката е забава, затоа цел ми е да уживам секогаш кога ќе излезам на теренот. “ – истакна Димитријевиќ во интервјуто за официјалната веб-страница на Хувентуд.

Тој претходно бележеше добри игри во младинските првенства, но јасно е дека „скокот“ во Ендеса-лигата е сериозен испит за сите млади кошаркари.

Уште во подготовките за сезоната забележав дека разликата е огромна, но како што ми кажа и самиот тренер, ова е долг процес за мене и мојата кариера. Благодарен сум им на сите соиграчи, но пред се на Лука Богдановиќ, кој ми помага многу и на теренот и надвор од него“ -вели Ненад Димитријевиќ.

Се вчитува...