Димитров ќе се бори за круната во Лондон

Григор Димитров утре ќе го игра своето прво големо финале во кариерата, откако бугарскиот ас по голема битка славеше над Џек Сок во вечерашната полуфинална пресметка на АТП-шампионатот. Американецот најави продолжување на својата „бајка“ откако го доби првиот сет, но Димитров навреме се разбуди, направи целосен пресврт и заслужено се пласираше во финалето.

Охрабрен по трите победи во групата, бугарскиот тенисер почна супериорно и набрзина поведе со 3-0, но потоа дојде до голем пад во неговата игра, па Сок го доби стартниот сет со 4-6. Сепак, Димитров потоа ги презеде работите во свои раце, па во вториот сет го збриша противникот со максимални 6-0. Тој потоа спаси една брејк шанса во првиот гејм, за клучниот брејк да го направи при водство од 4-3, за конечни 6-3 и пласман во битката за трофејот.

Димитров, кој досега нема играно ниту на едно гранслем финале во кариерата, утре во битката за трофејот ќе се сретне со Давид Гофан, кого веќе го совлада со 2-0 во групната фаза од АТП шампионатот во Лондон.

Се вчитува...