Договорено: Салах вечерва пристигнува на потпис во Ливерпул

Долгите преговори меѓу Ливерпул и Рома конечно вродија со плод, па англискиот гигант го договори трансферот на Мохамед Салах, вреден 40 милиони фунти. „Волчицата“ ја прифати последната понуда на „црвените“, по што Салах доби зелено светло за да отпатува за Англија и овој трансфер дефинитивно да биде комплетиран.

Англиските медиуми објавија дека Салах попладнево ќе полета од Каиро за Лондон, а неговото пристигнување во Англија се очекува во текот на ноќта. Тој веднаш ќе замине од Лондон за Ливерпул, а во текот на утрешниот ден би требало да ги мине лекарските прегледи, по што ќе го стави својот потпис на петгодишниот договор со тимот на Јирген Клоп.

Со тоа, на германскиот стратег ќе му биде исполнета желбата да доведе нов брзоног офанзивец во својот тим, крај Садио Мане, со што ќе овозможи Кутињо од крилната улога што најчесто ја имаше минатата сезона сега да доминира на средината од теренот.

По комплетирањето на овој трансфер Клоп ќе се сврти кон засилување на одбраната, со ангажман на нов лев бек и нов централен дефанзивец.

Се вчитува...