Дојчиновски: Фудбалската пролет почнува, во Тетово и во Кратово – ќе одлучи судијата

Почнува фудбалската пролет, ама на дел од стадионите во Македонија допрва дојде зима. Пред утрешното дерби меѓу Шкендија и Вардар на Градскиот стадион во Тетово има снежна покривка од неколку сантиметри, а и теренот во Кратово е значително под вода. Но, 19.коло од Првата лига сигурно нема комплетно да биде одложено, туку ќе се следи ситуацијата и ќе се реагира поединечно, доколку условите се влошени.

„Ја следиме ситуацијата, во контакт сме со организаторите, и засега е најкритично во Тетово, каде има снежна покривка. Но, организаторот ќе треба да се потруди да овозможи услови за игра. Ќе се реагира поединечно за секој натпревар, нема да биде одложено целото коло. Според правилата, главниот судија ќе одлучува, во присуство на двајцата капитени и делегатот на натпреварот“, вели за ЕКИПА, комесарот за натпревари при ФФМ, Васко Дојчиноски.

Нашиот најдобар судија Александар Ставрев ќе ја дели правдата на дербито меѓу Шкендија и Вардар во Тетово. Утре, во 14 часот, тој ќе ја има одлуката во свои раце, во присуство на капитените на нашите две најдобри екипи. Проблематично е исто така и во Кратово, а таму главен судија е Марјан Маркоски.

Во рамките на 19.коло се среќаваат:

ТЕТОВО: ШКЕНДИЈА – ВАРДАР (Градски стадион во Тетово)

СКОПЈЕ: РАБОТНИЧКИ – РЕНОВА (Арена „Филип Втори“)

СКОПЈЕ: ШКУПИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ (Стадион „Борис Трајковски“ – Маџари)

КРАТОВО: СИЛЕКС – СКОПЈЕ (Стадион на Силекс во Кратово)

ТУРНОВО: ПОБЕДА – ПЕЛИСТЕР (Стадион „Кукуш“ во Турново)

Се вчитува...