Докузовски: Да го вратиме стариот сјај на дербито

Работнички денеска од 18 часот го пречекува МЗТ Скопје во дерби дуелот од oсмото коло во кошаркарската Супер-лига. Пресметките меѓу вечните ривали во последно време се повеќе губат на шарм, пред се поради се попразните трибини во „Градски парк“ и во СЦ „Јане Сандански“, но тоа не би требало да биде случај на денешната пресметка. Заканата за неиграње на „Градски парк“ или празна трибина на „Сити парк бојс“ беше доволна причина за мобилизација во таборот на „центарци“, кои сега имаат мотив плус за да го земат скалпот на актуелниот шампион.

Сите многу добро знаат што значат овие дерби натпревари за навивачите, без оглед со каков тим располага едниот и другиот тим. Според мене дербито во последните години малку го загуби својот сјај, но ова е идеална можност да го вратиме на старите патеки. Двата тима имаат квалитетни состави, резултатскиот императив не е преголем, така што нема потреба од тензија на теренот. Се надевам на фер и коректен натпревар што ќе мине во спортска атмосфера. Ние секако ќе сториме се за да стигнеме до победата, без оглед што МЗТ како актуелен шампион и лидер на табелата на хартија е фаворит“ – изјави тренерот на Работнички, Марин Докузовски.

Работнички нема посериозни проблеми, па ќе настапи комплетен на овој натпревар. Само за потсетување, првиот натпревар од Супер-лигата меѓу вечните ривали што се играше во СЦ „Јане Сандански“ заврши со убедлива победа на МЗТ од 87-68, иако Работнички целосно му парираше на шампионот во првото полувреме.

Се вчитува...