Докузовски: Стравував од пораз, утре ќе ни биде многу тешко без Гинјард

Работнички е првиот финалист во Купот на Македонија откако го совлада непријатниот тим на Куманово. Тренерот на екипата од „Градски парк“, Марин Докузовски, истакна дека стравувал од изненадување, бидејќи натпреварите во Купот носат различна тежина од оние во домашното првенство.

„Да бидам искрен, се плашев од изненадување, бидејќи сепак ова е куп-натрепварување и такви работи често се случуваат. Куманово вчера покажа добра игра против Гостивар, покажаа и денес дека се знаат да направат многу проблеми, сепак ние одигравме доста добро во одбрана, особено во првото полувреме. Меѓутоа, Куманово има доста млади играчи кои се борат до последен миг, додека ние бевме хендикепирани поради отсуството на Маркус Гинјард, кој ја повреди задната ложа. Без него ние сме сосема друга екипа на теренот, а згора на се, Николиќ не тренираше цела недела, денес го внесов во игра да проверам дали воопшто може утре да помогне“, истакна Докузовски.

Својот противник во финалето Работнички ќе го дознае уште вечерва, а Докузовски вели дека било кој да обезбеди пласман од дуелот МЗТ Скопје – Блокотехна, ќе биде фаворит на средбата. Причините за тоа се отсуството на клучниот играч Маркус Гинјард.

„Искрено, не можам да изберам противник за финалето, моја желба е да победи кошарката. Било кој да победи од дуелот МЗТ – Блокотена ќе биде фаворит против нас бидејќи ќе бидеме со ограничен ростер. Се надевам дека ќе можеме да парираме“, додаде Докузовски.

 

Тренерот на Куманово, Александар Петровиќ вели дека натпреварот се одлучи во втората четвртина откако Работнички направи двоцирена предност од 16 поени. Неговите кошаркари потфрлија во обидот да обезбедат пласман во финале и покрај тоа што се обидуваа да го бранат кошот на повеќе начини.

„Сметам дека пресуди нашата некоординираност во втората четвртина. Промашивме неколку некарактеристични шутеви за нас, додека не успеавме да го реализираме договореното во одбрана. Од егал натпревар се најдовме во двоцирена негатива пред полувремето, се обидувавме да се вратиме резултатски, но се случи реприза од првенствениот меч од „Градски парк“. На три минути до крајот намаливме на четири разлика и имавме реални шанси за пресврт, но неколку пати изгубивме посед на топка, а тоа не чинеше поразот. Пробувавме неколку одбранбени комбинации, и со удвојуање и со зона, но и тоа беше недоволно“, изјави Петровиќ.

Се вчитува...