Доминација: МЗТ Скопје атакува на шестата титула во низа

МЗТ Скопје денеска (18 часот) ќе биде домаќин на Карпош соколи во првиот меч од финалната серија во кошаркарскиот плејоф. Желбата на „металците“ е јасна – да ја продолжат својата доминација на македонската кошаркарска сцена, на која во последните пет години редовно се искачуваа на тронот.

Аеродромци долго време беа во исчекување на првата титула, а до неа стигнаа во 2012 година. Тимот предводен од Александар Тодоров на клупата, со Гечевски и Чековски во тимот доминираше во текот на сезоната, за потоа во плејофот најпрвин да го совлада Торус, а потоа и Фени индустри. Историската победа беше забележана во салата „Јасмин“ во Кавадарци на 2 мај 2012 година, кога при враќањето во Скопје беше организиран фантастичен дочек и прослава од страна на илјадници приврзаници на „штрковите“.

Доминацијата продолжи и во наредната година, кога „металците“ во финалето го совладаа Кожув со максимални 4-0, потоа во битката за титулата се најде лекот и за градскиот ривал Работнички (3-1), за во последните две години Куманово да биде ривалот што „штрковите“ го надлетаа на патот до трофејот.

Предизвикот сезонава ќе биде голем бидејќи избраниците на Анте Назор против себе ќе го имаат Карпош соколи, тимот што исто така се натпреваруваше во АБА-лигата, па дури и заврши пред МЗТ на табелата во регионалното натпреварување. „Штрковите“ возвратија со две победи во рамките од Супер-лигата, со што си ја обезбедија предноста на домашниот терен во ова финале, но јасно е дека битката за трофејот ќе биде тешка и исцрпувачка.

Влог повеќе е фактот дека само шампионот на Македонија обезбедува директно учество (без плаќање на котизација) во АБА-лигата следната сезона, така што и МЗТ и Карпош соколи сигурно ќе сторат се што можат за да се закитат со трофејот.

Само за потсетување, Работнички останува најтрофеен клуб на македонската кошаркарска сцена со 14 титули, пред МЗТ Скопје со три, додека Струмица и Никол Ферт по еднаш се имаат закитено со големиот трофеј.

Се вчитува...