ДОМИНАЦИЈА: Вардар цела година без пораз во СЕХА

Ракометарите на Вардар синоќа славеа на гостувањето во Словенија против Горење со 24-30 за заокружување на најуспешната сезона во клупската историја. Врвот беше достигнат во Келн, со освојувањето на Лигата на шампионите, но мора да се истакне и неверојатното остварување во СЕХА-лигата, каде „црвено-црните“ во текот на целата оваа 2017 година немаат ниту еден единствен пораз.

Доминацијата во регионалното натпреварување беше најавена во минатата сезона, кога „вардарци“ со извонреден настап на Ф4 турнирот во Белорусија успеаја да го симнат Веспрем од тронот на СЕХА-лигата. Унгарскиот гигант потоа се повлече од ова натпреварување, Вардар остана главен фаворит, но мора да им се честита на Раул Гонзалес и неговите избраници за максималното залагање и триумфалната серија (11 победи по ред) во ситуација кога напоредно играа и низа тешки натпревари во Лигата на шампионите.

Секако дека сум задоволен за оваа победа, на крајот од 2017 година. Домаќините успеаја да парираат околу 35 минути, но ние бевме подобри, игравме добро во одбраната, постигнавме лесни голови и си ја зголемивме предноста“ – кратко изјави Гонзалес по победата во Словенија.

Нема сомнеж дека „вардарци“ се супер-фаворити за освојување на трофејот и во новата сезона, но Раул Гонзалес останува скромен како и секогаш, одејќи чекор по чекор, инсистирајќи на напорна работа. Бидејќи тоа е шампионскиот рецепт на Вардар.

Се вчитува...