Доминик Клајн ја завршува кариерата

Соиграчот на Кире Лазаров во Нант,  Доминик Клајн (35) објави дека на крајот од сезоната ја завршува кариерата. Повлекувањето на легендарното германско лево крило од ракометните терени, денеска беше официјализирано од францускиот клуб.

„Го разбирам изборот на Доминик, иако жалам. Бевме многу горди што во нашиот состав имаме играч со таков талент и харизма. Нант порасна со неговото доаѓање и се уште имеме да поминеме добри моменти заедно до крајот на сезоната“ – изјави претседателот на Нант, Гаел Пелетие.

По речиди две децении поминати на ракометните терени, Клајн реши да се пензионира и да му се поосвети на семејството. Светскиот шампион со репрезентацијата на Германија од 2007 година, најуспешниот дел од кариерата го мина во редовите на Кил со кој  освои осум титули во Бундес-лигата и две титули во Лигата на шампионите. По една деценија во Кил, пред две години, Клајн се пресели во Нант што за него беше прво итернационално искуство во исклучително богатата кариера.

А, пред да стави крај на кариерата, со францускиот тим до крајот на сезоната го очекува настaпот во четвртфиналето од ЛШ против Мешков Брест и завршниот дел од шампионатот во Франција.

По завршувањето на играчката кариера, Доминик Клајн најверојатно ќе остане индиректно во ракометот како стручен ТВ коментатор.

Се вчитува...