„Дон Балон“: Горецка го избрал Ливерпул

Леон Горецка веќе ја избрал својата следна дестинација, англискиот премиерлигаш Ливерпул каде ќе се пресели по завршувањето на оваа натпреварувачка сезона. Ова го тврди шпанскиот весник „Дон Балон“, повикувајќи се на извори блиски до фудбалерот, кој ја одбил понудата на Барселона за преселба на „Енфилд роуд“. Асот на Шалке има извонредна сезона зад себе, откако минатото лето се прикажа во одлично светло и на Купот на конфедерациите, па неслучаен е интересот на бројни клубови ширум Европа за неговите услуги, особено ако се знае дека следното лето станува слободен играч бидејќи договорот со Шалке му истекува во јуни 2018 година.

Сериозен интерес покрај од Барселона постоеше и од Баерн Минхен, Арсенал, Јувентус и Милан, но според „Дон Балон“ талентираниот играч за врска го избрал Ливерпул. Клучен во преговорите бил Јирген Клоп, кој му гарантирал на младиот плејмејкер првотимски статус, за уште повеќе да се развие во периодот што следи. Горецка би добил плата од огромни 120.000 фунти неделно и би го зазел местото во тимот на Кутињо, кој следното лето сигурно ќе си замине од „Енфилд“.

Доколку овој трансфер се реализира, Горецка ќе стане вториот фудбалер на Шалке што како слободен играч доаѓа во Ливерпул, откако претходно тоа го стори дефанзивецот Матип.

Се вчитува...