Драма во Манхајм: Некар Левен со супер-пресврт до триумф

Некар Левен по голема битка успеа да слави над Брест Мешков со 25-24, во меч со бројни пресврти во кои на крајот сепак поумешни беа актуелните германски прваци. Со оваа победа „лавовите“ останаа во игра како главни ривали нa Вардар за првото место, во пресрет на дуелот што „црвено-црните“ ќе го играат на домашен терен против Целје претстојниот викенд.

Брест Мешков доминираше во првото полувреме, контролирајќи го резултатот и заминувајќи на одмор со минимална предност од 11-12. Некар Левен во второто полувреме тргна да игра без голман во нападот, ваквата тактика вроди со плод, па Германците стигнаа до предност од два гола (20-18). Белоруските ракометари уште еднаш го свртеа резултатот во своја полза, а откако поведоа со 22-24 се чинеше дека победата им е на дофат. Сепак, „лавовите“ собраа сили за камбек, преку Шмид и Сигурдсон стигнаа до израмнување. Апелгрен го одбрани ударот на Рутенка, по што Шмид го постигна клучниот гол за големата победа на германскиот првак.

Токму Шмид и Сигурдсон беа најефикасни кај Некар Левен со по седум гола, пивотот Баена постигна шест, додека најдобри стрелци на Брест Мешков беа Стојковиќ, Кулак и Кристопанс со по шест погодоци.

Се вчитува...