ДРИБЛИНГ: И многу мајтап не е за мајтап! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Фудбал
27/06/2017 14:42
Фудбал
27/06/2017 11:51
Фудбал
27/06/2017 12:33
Ракомет
26/06/2017 17:17

ДРИБЛИНГ: И многу мајтап не е за мајтап!

Владимир Булатовиќ

Јас знам дека каков фудбал имаме 25 години, главно ни е ко за мајтап… Публика на трибини ко за мајтап, трансфери за мајтап, репрезентативни резултати за мајтап, странци-парадери на тренерските столчиња ко за мајтап… Ама, пак, и по 25 години, и натаму и трката за прв човек на ФФМ да ни биде мајтап тешко може да разберам.

Тврдам. На македонскиот фудбал му е неопходна повеќе од квалитетна дебата за комплетно подобрување на состојбите, неопходно е и тоа како квалитетно опозициско дејствување како коректив на многу симптоматични случувања, неопходно е обединување за фудбалот, неопходни се и секогаш промени на власта како начин за одржување на позитивното во ритам… Но, да бидам искрен, она што „Обединети за фудбалот“ цела измината година ни го сервираат како начин на функционирање е ништо повеќе од ’гол мајтап’. А, претендираат да бидат утре на власт, или да се вратат на власт (како сакате) со оглед на тоа што до 2012 година поголемиот дел од оние кои ги видовме меѓу „обединетите“ цели 12 години ни го водеа фудбалот!?

И, сега не чека Изборно собрание на ФФМ. А, последното соопштение од „обединетите“ не е ништо повеќе од нов мајтап! На две недели пред одржување на Собрание да се бара одложување на истото, а претходно цела година да парадирате само со смешни соопштенија (по едно на два-три месеци), е во најмала рака – мајтап. Од друга страна, да се исфрлува кандидат за нов претседател на ФФМ, Мирсад Јонуз (кој од почеток, како што видовме, е член на одборот за промени) а во исто време да се бара одложување на Собрание е малку поголем мајтап, и со себе и со цела фудбалска јавност. Или, пак, говори дека нешто меѓу „обединетите“ не е обединето. Посебен мајтап е и самата кандидатура на Јонуз за нов претседател, ама тоа е посебна тема.

majtap

Да се бара, пак, Собрание да се организира преку формирање некакви Комисии е веќе „театар“! Навраќајќи се на 2004, 2005, 2006 година, многу добро знаат „обединетите“ дека тогаш тие својата власт не ја даваа со формирање комисии. А, секој таков обид го дочекуваа со потсмев. Затоа што ниту УЕФА ниту ФИФА, на кои се повикуваат, никогаш ниту прифаќале ниту некогаш ќе прифатат одржување на Собранија надвор од правни процедури.

Темата, пак, за вклучување на видни фудбалски имиња во Комисиите не е веќе мајтап, но пародија! Затоа што, најпрво ќе треба да се формира Комисија која ќе одлучи кој е критериумот во нашиот ни фудбал, да бидеш видно фудбалско име. Од оние кои ги видовме на досега единственото појавување пред јавноста на „обединетите“, со исклучок на Дарко Панчев и Мето Спасовски, кој рака на срце е далеку од возраст за битка за превласт во ФФМ,  не верувам дека некој би го поминал „виднометарот“!

Затоа, за македонскиот фудбал, и ако треба да дојдат промени, треба добро да се знае кој, како и зошто ќе ги реализира. Начинот на кој дејствуваат „обединетите“ е онака за држење тензија во јавност, ко за мајтап. И, ништо страшно… Само што, и многу мајтап не е за мајтап! Затоа што некогаш во иднина, кога и да е, ќе дојдат промени. А, од актуелен аспект, страв да те фати кој треба да ги реализира.

П.С… Медиумите и јавноста ниту се истражители, ниту судии!

 – Наредниве три недели, до Собрание, македонската фудбалска јавност ќе биде бомбардирана од бројни соопштенија, и од двете страни. Како што е впрочем деновиве до редакцијата ЕКИПА. Не дека не сме го доживеале и тоа. И во периодот од 2004 до 2006 кога се менуваше Хаџи-Ристески. И, тогаш, а и сега, и како новинар и како обичен фудбалски вљубеник, се прашував кого ли бре го засегаат сите тие соопштенија, кои само збунуваат и замараат. Соопштенија за начин на бирање делегати, за одржување Собранија и Контрасобранија на ОФС, посебно во региони каде нема ниту еден фудбалски терен, клуб, а и можеби фудбалер (И притоа никој во оној меѓупериод од четири години не го засега дали воопшто живее тука фудбал, а се се активира само пред Собрание) е мајтап со секој нормален фудбалски фан.

Мене само ми е жал што, ете, сите овие години, и до денес, не заживеа правната држава кај нас. Па, пред институциите да си се решаваат сите нерегуларности кои ги мачат и делегатите, и локалните фудбалски ’работници’ и Општинските сојузи. Да, криминалот, ако го има, и тоа како треба да се сервира пред јавноста, но само како факт и констатација. А не јавноста да суди за регуларноста. Затоа што медиумите и јавноста не се ниту истражители, ниту судии! И, конечно Собранието на ФФМ да стане место каде ќе се разговара само за фудбалот!

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.