ДРИБЛИНГ: Ј’зк тренерл’к! - Екипа
Сакај СПОРТ!   Читај Спорт!   Живеј СПОРТ!
Ekipa
Кошарка
12/12/2017 22:01
Ракомет
12/12/2017 17:39
Ракомет
12/12/2017 11:00
Коментари
11/12/2017 12:49

ДРИБЛИНГ: Ј’зк тренерл’к!

Владимир Булатовиќ

Јуксел Јесилова е класичен пример, доказ, за степенот-понижувачки до кој е доведена функцијата македонски фудбалски тренер, за очајот до кој е доведен домашниот клупски фудбал кога е „принуден“ такви ликови да му шетаат по терените и за тоталните непознавачи на фудбалот како раководители на домашните клубови или новопечени „градоначалници-сопственици“, кои последниве години се во мода, а кои ниту знаат, ниту можат да изведат соодветна проценка на стручна основа, кога е фудбалот во прашање… И, ништо повеќе!

Кога добивате во еден клуб прво „тренер“, а потоа ги чекате да дојдат газдите кои наводно, замислете, го поставиле уште пред и самите да го преземат клубот… Кога имате во еден клуб „тренер“ од странство, во релативно неинтересна средина за вложување, а притоа се рашетува со луксузни автомобили пред „свои многу сакани“ играчи кои едвај добиваат некаква скромна плата… Кога имате „тренер“ кој ете сам, без да знаете во чие име, дели некакви премии… Кога имате „тренер“ кој во еден месец се вклучува во серија скандали… Е, кога имате таков „тренер“ веднаш знаете дека ниту е тренер, ниту пак дошол по некаков тренерл’к во Македонија. И веднаш знаете дека „тренерл’кот“ е само добра камуфлажа за тајните интереси кои го водат да дојде во град како Штип, и фудбалска средина како Македонија!

И, толку за Јесилова. Јуксел ниту е некој голем проблем за нас, ниту пак е некоја суштина за фудбалот, ниту пак, верувам, дека некогаш во иднина ќе биде наш сериозен фокус. Но, носи добра поука, отворајќи ја уште еднаш темата што се случува последните години со македонскиот фудбалски тренер!? Толку ли Македонија нема свои тренери? Толку ли за големите ни газди во фудбалот анонимните странци се далеку поинтересни од македонските стратези? Или се интересни само поради нефудбалски интереси!? Има ли крај на самонаречените тренери-парадери од странство по македонските терени!? Ќе крене ли конечно и некој глас, од директно засегнатите Македонци, за омаловажувањето на една од најзначајните позиции во спортот?

Потсетувајќи се уште на начинот како Сергеј Андреев доби предност, на пример, во однос на Ѓоко Хаџиевски, потсетувајќи се на сите странци кои како штафета се разменуваа низ Шкендија, па преку изборот на „интересни странци“ во Пелистер и Брегалница, со ниту малку побогати биографии од македонски тренери (ако е само до биографијата, де…), јасно е колку нашинецот е потценет во очите на ’големите газди’. А, ниту верувам, ниту може да верувам дека имиња како Жикица Тасевски, Влатко Костов, Срѓан Захариевски, Ќатип Османи, Артим Шаќири…, свесно или несвесно изолирани, се помалку вредни од овие странците кои ни се носат тука. Напротив!

Напротив! Повеќе од убедлив доказ за тоа е селекторот на младата репрезентација Боби Милевски. Само доколку не гледаме на она нашето секогаш со злонамерна предрасуда, потценувајќи го до запрепастувачки граници!

П.С… И, иако фудбалот е под специфична обсервација кога е во прашање „тренерл’кот“, не помалку различна ни е ситуацијата и во останатите спортови. Кога, на пример, ќе погледнете дека кошаркарски селектор ни беше Драган Раца, а како негово дополнение го имате довчерашниот Синиша Матиќ во Карпош Соколи, тогаш не неоправдано може да следи констатацијата дека сигурно мора да биле последните тренери на планетава, штом изборот паднал на нив… Нема друго оправдание!

А, не потажно е и кога Сергеј Самсоненко се самоназначува за тренер на екипа во Лигата на шампионите… Но, тоа е сосема посебна приказна во која сите молчат за една таква постапка – „во името на парите“! Само, до кога?

Advertisement

Редакцијата на Екипа се оградува од сите коментари со навредлива и заканувачка содржина што ќе ги пласираат читателите. Воедно, бара од сите свои читатели да се воздржат од навреди по национална и верска основа. Таквите коментари ќе бидат повлечени.